Monday, January 1, 2018

Морате да бидете промената која сакате да ја видите во светот.

           

                                 "Галебот Џонатан Ливингстон" - Ричард Бах



           Џонатан е различен галеб од останатите во јатото. За повеќето галеби најважно е исхранувањето во текот на денот,но за Џонатан, тоа не е доволно. Бил одлучен да научи совршено да лета. Бунтовник кој имал возвишена цел во животот. Наместо едноставно летање за да се најде храна околу бродовите, тој имал поразлично разбирање за животот. 

           Да се издигне над незнаењето, да се пронајде како суштество на совршенство, интелигенција и вештина, тоа за него е нешто што има најголема смисла. Идејата која го води во животот е идеја за слободата, слобода која сака да ја достигне преку совршенството на летањето. Не се двоуми ни пред советите на татка си кој упорно го тера да се откаже од неговите соништа. Тој притисок можеби за кратко го тера да се замисли и да почне да се однесува како останатите галеби, но тоа е нешто што се случува само за кратко, за да после одеднаш се враќа на своите желби, соништа и стремежи. Неговиот свет е летањето, вивнувањето во височините, пируетите, свртувањата, понирањето со огромна брзина, бавното ниско летање, освојувањето на далечните пространства. Неговиот свет е исполнет со секојдневно експериментирање во височините, со стремежи за достигнување на поголема брзина и подобро летање. Неуспесите не го обесхрабруваат, туку го водат да размислува поинаку. Да вежба понапорно и со поголема посветеност.